За пубертетот пишувале и ни зборувале застрашувачки работи,
како тоа дека е младешка криза, дека тоа се бурни години, дека младите
луѓе од 12-тата до 18-тата година не владеат рационално со своите постапки…
И се така. Меѓутоа, јас кога навлегов во тие години не открив ништо
друго, освен убавина. Најпрво станав политички будна. Случувањата во
светот го диктираа моето темпо на живеење. Се сеќавам, светски проблем
број еден беше гладта во Африка, во социјалистичките земји почнуваа
првите потреси, Полска ја потресоа немири. Читав весници секое утро,
љубопитно, како сето тоа да се случува во моето соседство. И навистина,
подоцна дознав за тој факт од развојната психологија, дека после дванаесеттата
година кај дотогашното дете се развива чувство за политика. Значи, пубертетот
започнува со вистински подем на разумот, а не со испади на ирационалност
и дивјаштво. Подоцна ги откривате поезијата и филозофијата, математички
обдарените ги решаваат сите проблеми, спортистите потполно господарат
со своето тело… И минав низ пубертетот, а никаква криза не го попречи
мојот раст. Си мислев дека тоа е некаква измислица. Но сепак, кризата
се појави не во пубертетот, туку во 21-та година.
КРИЗА НА 21-ГОДИШНИКОТ
Таа криза се појави сосема неочекувано. Бев полна со работна енергија,
плодотворна. Одеднаш, токму некаде пред 22-от роденден, клик. Како некој
да го исклучи дотокот на енергија. Ме совладаа сомнежи. Сакав да го
променам факултетот. Бев очајна. И никаде не наидов на спомен за некаква
си криза во 21-та година од животот. Се повеќе верував дека тоа била
некоја моја лична „невротизација" која ми се појавила во тој период
од животот. Подоцна во едно списание наидов на податокот дека Георгиј
Иванович Ѓурѓиев (1877-1949) својата метода за будење на работниот елан
кај фрустрираните луѓе, ја засновал токму врз анализа на кризата кај
21-годишниците.
„НОВИНА" Е ОНА
ШТО ВИ Е ПОТРЕБНО Човекот е „машина". Оваа машина може да ја изгуби
енергијата секогаш кога ќе западне во секојдневна рутина. Секојдневните
активности се повторуваат се додека и внатрешниот свет не стане предвидлив,
како и надворешниот. Затоа, постојано треба оној внатрешен „робот" да
се потикнува со новини за да ја сочува својата свежина. Со новините
наидуваат тешкотии, а секое совладување на тешкотиите носи збогатување
на внатрешниот свет. Во својата книга „Окултно" Колин Вилсон за методата
на Ѓурѓиев вели: „Од раѓањето па се до 21-та година ние растеме физички
и во секој друг поглед. Промените во нас се одвиваат без наша волја.
И потоа сите тие промени одеднаш престануваат да се одвиваат. Повеќе
не растеме. А толку многу сме се навикнале на тој автоматски раст, така
што никако не можеме да престанеме да го очекуваме неговото продолжение.
Ако пак, сакаме растот да продолжи мора да се направат невообичаени
напори за да се потикне внатрешниот робот да произведе новина. Во тоа
е суштината на методата на Ѓурѓиев. Неговата основна цел е да ја совлада
човечката природна мрзеливост, неговата тенденција да се опушта и да
се исклучува од се". Овие зборови докажуваат дека кризата на 21-та година
е општа појава. Од тука може да се насети и тајната на човечкиот опстанок,
а тоа е дополнителниот напор. Со секоја новина наидуваат тешкотии. Со
нив прво се јавуваат чувствата на очај и немоќ, а потоа доаѓа до контраакција.
За оваа контраакција потребен е токму додатен напор. Со него се пробива
навиката и повторно е пролет во длабочината на нашето Јас. Оваа своја
метода, Ѓурѓиев ја открил како млад човек, патувајќи низ Азија. По револуцијата
во 1917 г. и во текот на првата светска војна работел во Тбилиси, а
во 1922 г. преминува во Фонтенебло, близу Париз каде го основал Институтот
за хармоничен развој на човекот. Откритието било многу едноставно. Секој
невообичаен напор, било кој нов почеток има таков ефект: ја потресува
свеста и ја доведува до разбудена состојба. Се постигнува допир со реалноста.
Секоја криза ве тера да вложите двојно повеќе напори во перцепцијата.
А зголемувањето на перцепцијата не е ништо друго освен средба со реалноста.
Таа пак, бара работа и само работа.
Големи залихи на
психолошка енергија се скриени во нас. Ние самите треба да научиме да
ги откриеме. Ова откривање Ѓурѓиев го познавал и судејќи по се, со него
владеел.
Маргарета Анѓелковска
Благодарејќи на Р. Попов