Проф.
Д-р Миле Царчев
Претседател на Стоматолошката Комора на Македонија
|
Каква е состојбата
со превентивата во Македонија?
За состојбата на
превентивата во Македонија може да се каже дека е лоша, дека не задоволува.
Причината за ова не е една, тоа се повеќе, но основна причина е непостоењето
на превентивна програма која би се работела под покровителство на Министерството
за Здравство. Најдобро би било ако Министерството, во чија надлежнист
се превентивните програми, обезбеди средства кои исклучиво би се користеле
за превентивата. Досега неколку пате сме се обиделе да имплементираме
една таква програма, во 1992 дури и доставивме една таква предлог програма,
меѓутоа таа не беше реализирана. Со ресорните министри постојано разговараме
но досега не се дошло до реализирање на една таква програма. Нашите
аргументи за исплатливоста на една таква програма се јасни: на пример
цената на една до две пломби одговара на сумата што е потребна за доживотна
превентивна заштита на еден пациент. Ако се земе во предвид дека здравјето
не е само отсуство на болест ами и состојба на потполна психичка, физичка
и социјална благосостојба, и други аспекти на превентивата се доста
значајни: губењето на забите не е само поврзано со материјални трошоци
- тука се и психичките и функционални нарушувања кои се исто така важни.
Македонија е во групата на земји со висока преваленција на забниот кариес.
Само за илустрација кај нас, кај децата од 12 годишна возраст (инаку
група која се зема како репрезентативна група) КЕП вредностите се околу
5.5 Во другите земји, во оние во кои подолго време функционираат превентивни
програми, како на пример Данска КЕП вредностите се под 1 и со реални
можности во блиска иднина да достигне до КЕП = 0. Данска е пример за
добро изведување на една превентивна програма, и тоа програма која би
можела лесно да се имплементира и кај нас. Таа програма вклучува три
важни моменти: Орална хигиена, употреба на флуориди и некариогена исхрана.
Со ригорозното спроведување на оваа програма, Данска за 25 години од
земја со најголеми КЕП вредности во Европската заедница, стана земја
со најниски. Но тоа бара ангажирање не само од државата преку обезбедување
средства, не само од стоматолозите во спроведувањето ами и од самите
пациенти.
Дали превентивната
програма зависи само од материјалната состојба? Колку тука влијае и
активноста на стоматолозите?
Непостоењето на организирана превентивна програма која на едно заедничко
ниво ќе ги опфати сите е главниот проблем. Инаку кај нас и сега се работи,
но тоа е од стоматолози, претежно специјалисти по Детска и превентивна
стоматологија, кои работат чисто од ентузијазам и без никаква надокнада.
Пример за тоа е републичката манифестација "Да зборуваме за забите"
која што еднаш до двапати годишно се одржува во по еден некој град од
републиката. Во време од околу два месеци, колку што трае оваа манифестација
децата се преокупирани од стоматолошките проблеми, и на тој начин се
изведува стоматолошко просветување. Таму каде што се работи има резултати,
но ние мора генерално да го решиме проблемот - со една заедничка превентивна
програма. Наша цел е редукција на забниот кариес за 30% во рок од три
до четири години, и тоа би можело да се постигне со една таква програма.
Ова не е утопија, зашто земји кои се на наш степен на развиток и со
менталитет сличен на нашиот како на пример Србија, Хрватска, каде што
во одредени подрачја се спроведува ваква програма постигнале такви резултати.
Кога се зборува
за превентивата, има едно прашање кое постојано им се поставува на стоматолозите,
а тоа е прашањето за флуорот. Каков е ставот за неговата примена?
Во однос на флуорот, би рекол дека денеска постојат одредени контроверзи.
Меѓутоа, ние како стручњаци од областа на стоматологијата, и посебно
како лекари, мораме да ги следиме единствено упатставата на Светската
Здравствена Организација. А тие јасно укажуваат на фактот дека флуорот
е нетоксичен доколку се прима во оптимални количини, а тоа се 1мг над
6 години а кај помалите деца во количини соодветни на возраста. Ако
не постојат други извори на флуор преку кои тој би се примал во организмот
- на пример воздухот ( во големи индустриски центри ) водата (ендемски
подрачја со флуор во водата за пиење ) и слично, ставот на СЗО е непроменет:
тој треба да се користи, и да се почне со превентивата уште кај бремените
жени во четвртиот месец на бременост и да трае се до четиринаестата
година. Притоа таму каде што се практикува ендогено внесување на флуоридите,
сепак мора да се познава концентрацијата на флуридите во водата, воздухот
и прехрамбените продукти. Кај нас во Македонија таков проблем не постои
затоа што количината на флуорот во водата е под 0.3 мг/л а тоа според
СЗО се смета за незначајна количина.
Ако сакаме да го решиме проблемот со кариесот, примената на флуорот
е неминовна зашто земјите кои тој проблем го решиле, тоа го постигнале
токму со примената на флуорот. Исто така, комбинирањето на ендогеното
внесување со егзогена примена на флуорот ги дава најдобрите резултати.
Денес сме сведоци на една "тивка револуција" во превентивата
на забниот кариес, а во неа немаат партиципација стоматолозите. Се поквалитетните
пасти за заби, каде што флуорот е гарантирано во активна состојба, а
не е само присутен врзан за други супстанци, и нивното се поголемо користење
придонесе до еден благ пад на нивото на кариес, но сепак тоа е недоволно
за да се задоволиме, зашто наша цел за наредните 4-5 години е редукција
на кариесот од 30%.
Несомнено е дека
превентивната стоматологија е големо поле и за работа и за истражување.
Дали постојат размислувања и дали има можности Превентивната Стоматологија
да се оддели како посебен оддел а не да биде во рамките на Детската
Стоматологија?
Интересно прашање, зашто неодамна истото прашање ми го постави и престедателот
на Стоматолошкото Здружение на Турција: дали кај нас се изучува како
посебен предмет Превентивната стоматологија. За жал јас и тогаш одговорив
дека кај нас тоа не е така. Постојат земји каде постои посебна катедра
и посебен предмет за Примарна превентивна стоматологија. Веројатно и
ние ќе мораме нешто да правиме, но засега студентите кај нас ја изучуваат
превентивната стоматологија во рамките на предметот Дестка и Превентивна
Стоматологија.
Инаку превентивната стоматологија е термин кој има пошироко значење,
и мора да се разликуваат сите нивоа на превентива: примарна, секундарна
и терциерна. Примарната превентива ги вклучува во себе сите постапки
кои го спречуваат појавувањето на некое заболување - во овој случај
на забниот кариес, и начините, ако се појави тој процес да се ретернира
односно со биолошките механизми да се репарира, во неговата иницијална
фаза. Исто така примарната превентива треба да ги опфати и пародонталните
заболувања - односно елиминација на денталниот плак и спречување на
гингивитисот како иницијална фаза на пародонталната болест. Секундарната
превентива би значела зачувување на забот ако постои кариес односно
пародонтално заболување. Сите постапки кои се применуваат за да се спречи
екстракција на забот спаѓаат во полето на таа секундарна превентива.
Терциерната превентива е во случаите кога забите се изгубени а се врши
рехабилитација и превенција на пореметувањата во останатите делово од
системот за џвакање.
Повторно ќе нагласам, веројатно и кај нас е потребно превентивата да
се изучува одвоено, како посебна катедра на кој начин ќе бидеме комплементарни
и со другите универзитети, а и резултатите на полето на превентивата
би биле подобри.
27.11.2001