Home
Етностоматологија
 

"Historia est magista vitae", така не' учеа во текот на нашето школување и тоа со единствена цел да ни укажат дека еден млад човек мора да го знае она што го истражувале, што го откриле или што го создале неговите претци.
Современите технички откритија што се применуваат во стоматологијата, успехот на новите методи, воведувањето на новите лекарства го одвлекоа нашето внимание од минатото и така заборавивме дека изучувањето на историското минато не води до постанокот на медицинско-стоматолошките поими и истражувања, кои не доведоа до тие откритија.

Со проучувањето на етностоматологијата се здобивме со потребна критичност при оценката на вистински вредности на одделни хипотези или терапевски методи. Бидејќи вчерашната вистина денес може да биде заблуда, запознавањето со историјата не штити од слепилото пред медицинската мода. Честопати од одделни кругови, се поставува прашањето дали на студентите и на лекарите им е потребно познавањето на нивната професионална историја. И повиканите и неповиканите понекогаш ќе кажат дека е сосема непортебно, и дека тоа претставува дополнителен товар во неговата редовна и перманентна едукација. За многу критичари или критизери е апсурд денес во времето на овој подем на стоматологијата некој да расправа за Хипократ, за Гален или за Авицена, па дури и медицинските знаења од минатиот век, според нив, се разликуваат колку што се разликуваат една запрежна кола од авион.

Историјата на човештвото оставила длабоки траги и во историјата на медицинските науки, па ако смееме историјата да ја нарекуваме "magistra vitae" тогаш можеме историјата на медицината, со полно право, да ја наречеме "magistra medici" учителка на лекарскиот позив. Народната и научната медицина во својата секојдневна практика подложи на перманентни промени од кои можат да се извлечат многубројни поуки и многукратна корист. Се менуваат сознанијата за заболувањата, се менуваат методите за препознавање, лекување и спречување на болестите, но не се менуваат начелата на лекарската етика што се потврдува со фактот дека и принципите што ги поставил Хипократ пред 2500 години, главно останале исти и се уште, покрај сите промени останува основното начело да му се помогне на болниот човек. Во некои земји многу рано се отвориле школи за медицинските науки кои давале свој прилог во научните истражувања, за разлика од оние кои долго чекале на тоа. Но сепак погрешно е мислењето дека само големите земји и народи се заслужни за развојот на забоздравствената мисла, а дека малите воопшто не учествувале во тоа.

Да ги спомнеме само првите манастирски болници и Универзитетот на охридскиот брег од 9 век. Токму нашата историја и богатството на народното лекување покажуваат дека не смее да се потценува културното наследство на ниту еден народ, без оглед на тоа колкав е неговиот придонес. Развојот на здравствената култура кај секој народ се одвивал на начин типичен за тој народ и за просторот кој го опкружувал. Географската положба на нашата земја, поставена на крстопатот исток-запад, север-југ, вклучувајќи го и историското минато го одредува развојот на здравствената култура врз која влијаеле поголемите култури на Рим и Византија, арапско-муслиманската, австро-унгарската и руската. Сосема е разбирливо дека ваквата положба и влијанијата на трите религии, католичката, православната и мохамеданската оставиле печат врз севкупниот живот, па секако и врз здравствената култура на овој народ. Во прилог на ова говорат и многуте споменици расфрлани низ нашата земја, што сведочат за разни епохи и времиња. Многу ископани гробници, во кои се пронајдени разни алати и орудија, со кои тогашните лекари, бербери или некои други вршеле забоздравствена практика, со цел да му помогнат на народот, исто така говорат во прилог на оваа констатација.

Постоењето на првите книги наречени Лечебници со разни рецепти за лекување на устата и забите, подготвени од билки, минерали и животински масла, кои се продавале во тогашните ахтарници или во домовите на бајачките, исто така говорат за етностоматологијата на овие простори. Нашата историја на забоздравствената култура во светот не е многу позната, но тоа не треба многу да не' чуди, затоа што ние самите не знаеме или не сме се потрудиле да дознаеме за нашето минато, а за тоа сме должни пред самите себе, пред нашите предци, пред сопствената земја и пред поколенијата, а сето тоа во името на стоматологијата.

Проф. д-р Бранислав Даштевски, д-р сци.

[ welcome | what's new | student exchange | congress | articles | history | the discussion list | the people | contact | help ]
© Macedonian Dentistry Students' Association 1999-2005