Со изолирањето на HIV вирусот во 1983 година, откриен
е причинителот на заболувањето СИДА. Поради немоќта да се најде вакцина
за неа, таа во светот се окарактеризира како „чума на дваесеттиот век".
Ова заболување почна да зазема огромни размери со се поголем број на
заболени од година во година. Имено, во 1993 год. во светот беа регистрирани
околу 2.720.000 заболени, несметајќи го огромниот број на HIV позитивни
лица. Од она што досега е откриено за причинителот на HIV инфекцијата,
се знае дека предизвикува имунодефицитна состојба напаѓајќи ги Т4 лимфоцитите
т.н. хелпер клетки, кон кои покажува посебен афинитет и цитотоксично
дејство. Како резултат на тоа се јавува клиничка слика со богат распон
на клинички манифестации од асимптоматско носителство до опортунистички
инфекции и малигнитети кои го загрозуваат животот на болниот.
До ширење на болеста
доаѓа од навидум здрави лица, што ги прави здравите незаштитени. Бидејќи
засега не е можно да се лечи ова заболување, неопходна е превентива.
Превентивните мерки се базираат на парентералниот начин на пренесување.
Како посебна се издвојува превенцијата кај здравствените работници.
Можеби звучи парадоксално, но факт е дека СИДА-та е ризик во оваа професија.
Секојдневниот контакт со луѓето и со биолошкиот материјал се неопходен
и неразделив сегмент од професијата. Кај болните лица зголемена е потребата
од медицинска помош. Должност на секој здравствен работник е на тие
луѓе да им помогне. При тоа неопходно е превземање на превентивни здравствени
мерки, со цел да се сузбие ширењето на инфекцијата. Денес, овие мерки
налагаат примена на инструменти за еднократна употреба (игли, шприцеви,
аспиратори итн.) потоа користење на заштитни ракавици, капи, маски,
очила, заштитна облека, се со цел да се спречи пренесувањето на HIV
инфекцијата.
Како посебен ризик
на медицинскиот персонал претставуваат повредите што се случуваат при
работа, кога се доаѓа во контакт со крв, како на пример при земање на
крв, вадење заб, оперативни зафати, обдукции итн. Оттука и потребата
од внимателно работење и превземање на сите заштитни мерки. За таа цел,
Лекарската Комора на Македонија издаде Упатство за заштита на здравствените
работници од СИДА. Во него накусо се опфатени етиологијата, имуногенезата,
клиничката слика и епидемиологијата на заболувањето. Посебен осврт е
даден на општите мерки на превенција на болеста, како составен дел на
здравственото воспирување. Исто така, истакната е особена важност на
посебни мерки за превенција во клиничките установи, како хируршките,
гинеколошко-акушерските, стоматолошките клиники. Авторите на ова Упатство
укажуваат и на мерките на претпазливост во лабараториите и Институтите
за патологија и судска медицина. Се разбира, се со цел да се спречи
инфекцијата кај неинфицираните лица и кај здравствените работници.
Атанасоска
Адријана