Активности

Реформи во стоматологијата

Во текот на своето шестгодишно постоење органите на Стоматолошката комора со свои предлози и идеи учествуваа во донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита,

Законот за здравствено осигурување, Правилникот за критериумите, нормативите и стандардите и за начинот на утврдување на надоместокот на здравствените услуги, Правилникот за стандардите и нормативите за утврдување на потребниот број здравствени работници во Република Македонија, Проектот за транзиција на здравствениот сектор, учествуваа со свој претставник во Комисијата на Лекарската комора за донесувањето на Законот за доктори на медицина и доктори на стоматологија, и др.

Стоматолошката комора на Македонија има делегирано по еден претставник во Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (д-р Јулијана Ѓоргова) и во Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија (д-р Љупчо Димитров).

Претседателот на Комората д-р Царчев е член на експертскиот тим на Министерството за здравство, Меѓународната проектна единица на Министерството за здравство и Македонската академија на науките и уметностите за донесување стратегија за развој на здравството во Република Македонија до 2015 година.

На 02. 04. 2001 година претседателите на Стоматолошката комора, Лекарската комора и Министерот за здравство на Република Македонија потпишаа изјава за намера за имплементација на предлогот Министерството за здравство да има овластување да ја делегира функцијата за доделување лиценци (акредитација) и за изготвување регистри на доктори и стоматолози на Лекарската комора и Стоматолошката комора на Македонија. Овој процес ќе следи по усвојувањето на Законот за здравствена заштита, а со подзаконски акти ќе бидат специфицирани деталите за издавањето на основната лиценца, лиценцата за работа, подготвувањето на регистри на доктори и стоматолози носители на лиценците, редовното доставување извештаи до Министерството, соодветниот надзор и други подробности.

 

Меѓународни Активности

  • Балканската стоматолошка асоцијација
  • Светска стоматолошка федерација
  • Стоматолошките комори на централноевропските земји

Стоматолошката комора на Македонија остварува редовно членство во следните меѓународните стоматолошки асоцијации:


Балканската стоматолошка асоцијација (Balkan Stomatological Society) основана во 1995 година со седиште во Солун - Република Грција. Според Статутот на BaSS, нејзините цели се:

  1. Oрганизирање редовни конгреси кои овозможуваат размена на знаења и искуство на стоматолозите од Балканот на научен и професионален план,
  2. Унапредување на стоматологијата на Балканот во теорија и пракса,
  3. Развивање на пријателството и соработката меѓу стоматолозите од регионот
  4. востановување на унифициран систем на образование и координирање на размена на студенти,
  5. објавување на научни и професионални информации за своите членови во форма на журнал.

Стоматолозите од Македонија ги претставуваат следните членови на органите и телата на BaSS:

Во Советот како највисоко управувачко тело на асоцијацијата:

Делегати: д-р Миле Царчев, д-р Јулијана Ѓоргова
Заменици на делегатите: д-р Драгољуб Велески и д-р Никола Гиговски

Во уредувачкиот одбор на Балканскиот стоматолошки журнал:

д-р Ана Миновска
д-р Јулијана Ѓоргова
д-р Љубен Гугувчевски

Светска стоматолошка федерација (Federation Dentaire Internationale - FDI) интернационална асоцијација на докторите на стоматологија од најширок размер (членуваат 140 национални стоматолошки асоцијации во кои се опфатени 700.000 стоматолози, 28 меѓународни придружни асоцијации и 17.000 индивидуални членови). Интернет страница: http://www.fdiworlddental.org/ Формирана е во 1900 година за време на одржувањето на Третиот Меѓународен стоматолошки конгрес на иницијатива на д-р Шарл Годо - ентузијаст и космополит, чии идеи преточени во принципи на FDI беа и после 100 години остануваат позитивниот развој на стоматологијата, поддржување на принципот за оптимална стоматолошка заштита за секој жител на планетата, размената на информации меѓу колегите низ целиот свет и светски форум за клучните прашања и проблеми од областа на развојот на стоматологијата. Нашата стоматолошка асоцијација е редовен член на ФДИ од 1998 година. Застапена е во Генералното собрание на ФДИ со двајца делегати д-р Миле Царчев и д-р Јулијана Ѓоргова.

ФДИ опфаќа активности на повеќе полиња кои се сублимирани во три оддели:

1.Eдукативен - обезбедува меѓународно потврдени препораки до асоцијациите-членки, стоматолозите и јавноста на широк опфат на теми од областа на стоматологијата, активности за подобрување на состојбата со оралното здравје во земјите во развој преку програми за континуирана едукација, формирање Фонд за помош на стоматологијата во земјите во развој, посебен бесплатен прилог "Стоматологија во Развој" која нуди можност за соработка со хуманитарни организации и поединци вклучени во програми за унапредување на оралното здравје во земјите во развој. Комисијата на ФДИ дава научни извештаи, анализи и трансфер на научни информации на стоматолозите од целиот свет и опфаќаат актуелни проблеми од областа на стоматолошката наука и пракса. Комисијата за влијанието на цигарите врз оралното здравје, Комисијата за унапредување на оралното здравје, Комисијата за стоматолошка етика и стоматолошко законодавство, Комисијата за оралното здравје на инвалидизирани лица и лица со пречки во развојот, Секцијата за јавна стоматолошка заштита, Секцијата за воена стоматологија се тела во кои на волонтерска основа врвните стоматолошки кадри во светот даваат свој придонес во унапредување на стоматологијата во сите нејзини домени.

2.Kонгресен - годишниот Светски стоматолошки конгрес со својот специфичен концепт е стоматолошки настан на годината. Неговата програма е збогатена со Изложба на новини во стоматолошката индустрија, Интернационалниот научен програм и други работни состаноци.

3.Публицистички дел - издавачката куќа на ФДИ ги издава Интернационалниот стоматолошки журнал и публикации на други стоматолошки асоцијации во светот.

Претседателот на Комората д-р Царчев веќе трета година по ред ја претставува Стоматолошката комора на Македонија на состаноците на Стоматолошките комори на централноевропските земји (2000 во Порторож - Словенија и 2001 во Будимпешта - Унгарија). Тоа претставува шанса за нас како млада асоцијација да ги искористиме сугестиите и искуствата од земји каде еснафското здружување на стоматолозите има децениска, а кај некои и вековна традиција.


Стоматолошка Комора на Македонија - Ул.Алберт Ајнштајн 7а 1000 Скопје, Македонија - Телефон/Факс: 02/3113-820